Oсновниот суд од Гевгелија го одбележа Европскиот ден на правдата
Oсновниот суд во Гевгелија го одбележа
Европскиот ден на правдата со работна средба на тема „Зајакнување и унапредување на пристапот на ранлива категорија лица (маргинализирани заедници) до бесплатна правна помош согласно Законот за бесплатна правна помош“. На настанот учествуваа претседателот на ОС- Гевгелија и судија Марица Аврамчева Зафирова, претседателот на Граѓански оддел при ОС- Гевгелија, Тодорка Цилковска Димова, социјалниот работник од ЈУМЦСР- Гевгелија, Руска Митрова, адвокатот Љупка Јанчева и раководителот на Министерството за правда- ПЕ Валандово, Фика Кабурова. Одбележувањето на Европскиот ден на правдата имаше за цел приближување на пристапот на граѓание до правдата како основен предуслов за остварување на нивните граѓански, културни, здравствени, економски и социјални права.
За таа цел, беше спроведено истражување, а врз основа на собраните податоци за дадената помош на ранливи категории лица, добрите практики, ефикасноста и ефективноста на правната помош, искуства од случаи, како и потешкотии во спроведувањто законски решенија, беа утврдени заклучоци. Пред се, зголемена мобилност и работа на терен со маргинализираните групи кои се соочуваат со потешкотии во остварување на правата, со цел нивно информирање, едуцирање и обезбедување правна заштита и воспоставување на мобилни канцеларии за параправна помош, унапредување на пристапот до информации, информирање за правото на бесплатна правна помош, одржување на едукативни работилници на терен, обуки, како и пополнување на работни места во сите ПО при Министерство за правда со лица кои ги исполнуваат потребните законски компетенции за одлучување по поднесено барање за секундарна бесплатна правна помош. Со оглед дека правото на бесплатна правна помош има широк спектар на дејствување, кое ги опфаќа, меѓу другите и жртвите на семејното и родово базираното насилство, барателите на азил и другите ранливи категории странци, на маргините на работната средба се отвори и прашањето за потребата од отворање на шелтер-центри на подрачјето на секоја општина, потребата од стручна помош и советувалишта за помош и нега на барателите на бесплатна правна помош, кои најчесто се жртви или сведоци.
Оттука, се истакнува и потребата да се продолжат активностите за зајакнување на соработката со сите засегнати страни за да се создаде координиран и сеопфатен пристап кон подршка на маргинализираните заедници и унапредување на нивни права, што вклучува и надминување на правни, административни и финансиски бариери за пристап до бесплатната правна помош.