Легализацијата ќе продолжи, но по реални цени и со пенали
На вчерашната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС,
во чија работа учествуваше и градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, се расправаше за многу предизвици со кои се соочуваат локалните власти. На дневен ред беа ставени предлогот на Закон за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, како и Уредбата за висината на цената на градежното земјиште, сопственост на Република Македонија и висината на посебните трошоци за спроведување на постапките за отуѓување, давање под закуп и за засновање на право на стварна службеност.
Посебен интерес на седницата градоначалниците пројавија за предложените законски решенија за дивоградбите, кои не ги прифатија и заклучија посебна работна група одЗЕЛС и Министерството за транспорт транспорт ќе работи на подготовка на ново законско решение, или на дополнување на сегашниот закон.
Имено, градоначалниците се сложија легализацијата на новите дивоградби да продолжи, но по реални цени. Сите што ќе сакаат да ги легализираат своите дивоградби изградени после 3 март 2011 година, тоа ќе можат да го направат, но не за едно евро по квадрат, туку ќе мораат да ги платат сите регуларни комуналии, плус одреден процент за пенали, најверојатно околу 50 отсто или половина од вредноста на комуналиите. Нивна заложба е веќе да престане сегашниот начин на легализација, со кој се доведуваа во нерамноправна положба граѓаните кои си ги платиле сите комуналии.
Новиот закон треба да биде донесен оваа година. Во него нема да биде наведена временска рамка за кои дивоградби ќе важи, а целта е да се дестимулира незаконското градење, секој што ќе влезе во незаконско градење, да знае дека тоа скапо ќе го чини.