Обука на малите и средни претпријатија за полесен пристап до европските фондови
Во Гевгелија започна дводневната обука во рамки на
проектот „Акцелератор на знаења за МСП“ (МЕКА), Денешната обука е на тема „Подобрување на иновативниот капацитет на МСП“ што го реализира општинската агенција за економски развој и информатичка технологија. Ова е првата обука од серијата на вкупно четири дводневни обуки кои ќе се реализираат во Гевгелија.
Целта е стекнување на дополнителни знаења и вештини со кои претприемачите ќе ги претворат своите компании во успешни и профитабилни бизниси.
-Темата на обуката, како и на проектот „Акцелератор на знаење на малите и средните претпријатија“ е вистински потег и се совпаѓа со агендата на нашата Влада, која по решавањето на повекедецениските проблеми на државата со соседните земји, целосно се свртува кон подобрувањето на социо-економскиот амбиент во државата. Исто така, е во насока на заложбите на општина Гевгелија за поголема вклученост на малите и средни претпријатија во локалниот економски развој. Оваа обука и реализацијата на проектот се еден мал, но важен придонес кон глобалната владина и општинска политика, сопствениците на малите и средните претпријатија да се стекнат со знаење и вештини како полесно да дојдат до фондовите на Европската Унија, рече градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков.
За сите оние кои имаат намера да аплицираат за средства од достапните фондови на ЕУ како и останати донаторски организации, а кои успешно ќе го поминат циклусот на обуки, предвидена е менторска поддршка за развој на апликациите.
Проектот е кофинансиран од страна на Европската Унија преку ИПА 1 програмата, приоритетната област „Подобрување на капацитетите на МСП за иновации, истражување и развој, соработка помеѓу јавниот, приватниот и образовниот сектор“, а е координиран од Кабинетот на заменик на претседател на Влада, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори.