Во црквата “Свети Кирил и Методиј“ - црковни литургии и концерти на духовна музика
Црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Гевгелија ќе ги чествува своите патрони,
Светите браќа Кирил и Методиј со посебни црковни литургии и концерти на духовна музика. Во четврток, 23 мај, во 18 часот, во црквата ќе се служи Вечерна богослужба, а во 19 часот хорски настап ќе имаат Црковниот хор „Свети Јован Кукузел“ и Градскиот мешан хор „Гортинија“. На 24 мај, во петок, во 7 часот ќе се служи Утрена богослужба, а во 8.15 часот Света Божествена литургија.
Црквата „Свети Кирил и Методиј“ е изградена во 1896 година, а во неа се наоѓаат девет икони од познатиот македонски зограф Димитар Андонов - Папрадишки. Според својата архитектурна форма, таа е трикорабна градба, со рамни дрвени тавани и со покривна конструкција на две води. Дверите на црквата се од постаро време и се смета дека се пренесени од старата црква Света Троица или од манастирската црква „Св. Спас” во Гевгелија, и се дело на непознат резбар од XVIII век. Во тек е целосното реновирање на црквата, кое се одвива во две фази. Работите од првата фаза веќе се во тек и опфаќаат замена на стариот покрив, глетување на ѕидовите, замена на дрвените со ПВЦ прозорци, поставување нови резбани дрвени врати, нови тавани, нов под и комплетно нова фасада. Втората фаза во која ќе се цртаат нови икони и фрески и ќе се прави новиот иконостас на црквата ќе трае две до три години.