СОУ„ЈОСИФ ЈОСИФОВСКИ“ успешно го реализира проектот „Дигитален маркетинг и готварство“ во Даблин и во Јанина
Во рамки на програмата „Еразмус +“
на Националната агенција за европски програми и мобилност, СОУ„Јосиф Јосифовски“- Гевгелија успешно го реализира проектот „Дигитален маркетинг и готварство“ во соработка со партнер организацијата ДРЛ од Ирска и Оберон од Р. Грција. Проектот опфати двонеделна мобилност на 22 ученика од економско - правна и трговска струка во Даблин и двонеделна мобилност на 13 ученика од угостителско-туристичка струка во Јанина, Грција.
„Проектот овозможува учениците да се стекнат со знаење за основните предуслови за почетен бизнис, предностите на дигиталниот маркетинг, како и значењето на иновативните бизнис методологии при развојот на малите и микро бизниси. Ја стимулира креативноста и иновативноста кај учениците при развивање на своите бизнис идеи и со стекнатите вештини овозможува да бидат поконкурентни на пазарот на трудот“, изјави директорот на СОУ„Јосиф Јосифовски“ - Гевгелија, Цветан Нелоски. Расел Бенкс и Марк Рабатхан беа главните предавачи на практичната обука, кои со своето долгогодишно искуство во сферата на претприемништвото и е-бизнисот придонесоа учениците да го разберат концептот и динамиката на дигиталниот маркетинг. Преку креативни работилници и интерактивни предавања, поделени во три тима учениците научија да креираат маркетинг стратегија и е-бизнис стратегија врз основа на моделот Лин Канвас со цел да одговорат на барањата на потрошувачите. Другите предавачи беа успешни претприемачи кои во рамки на студиската посета на учениците кај нивните бизниси им ги објаснија предизвиците на старт ап компаниите, вмрежувањето, влијанието на маркетинг стратегијата како и улогата на технолошките аспекти при развивањето на маркетинг стратегијата.