Прекинати: наставата, јавните собири, културните манифестации; Нови мерки во наредните 14 дена
Владата на Република Северна Македонија на денешната 15 редовна седница
ја разгледа информацијата на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи за преземање дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на Kорона вирусот по сугестија на Комисијата за заразни болести на Министерството за здравство и ги донесе следните заклучоци:
- Да се заострат мерките и активностите за превенција од ширење на Kорона вирусот.
- Да се прекине со воспитно – образовниот процес и наставата во сите Детски градинки, Основни и Средни училишта и Високо – образовни установи и во Јавните научни институти на територијата на Република Северна Македонија, во наредните 14 дена. Се прекинуваат и сите воншколски или дополнителни програми како што се курсеви за странски јазици и слично.
- За спроведување на оваа мерка еден од родителите на децата до 10 години што ќе бидат ослободени од обврската да одат во Градинките или да ја следат наставата, ќе бидат ослободени и од обврската да ги извршуваат работните обврски.
- Да се забранат масовни собири и настани на отворен и затворен простор, како и сите културни настани и манифестации на територијата на Република Северна Македонија, со над 1000 учесници, во наредните 14 дена. Владата препорачува неодржување на јавни настани на кои се очекува присуство до 1000 учесници.
- Да се забрани присуство на гледачи (публика) на сите спортски настани на територијата на Република Северна Македонија, во наредните 30 дена.
- Да се воведе задолжителна самоизолација на сите лица кои доаѓаат од високо и средно ризичните држави, во период од 14 дена (согласно листата на Светската здравствена организација).
- Да се забрани извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали од страна на економските оператори и производители од Република Северна Македонија, освен со посебна дозвола која ја издава Министерство за здравство.
- Да се препорача на возрасните и високоризичните категории на граѓани со хронични болести да го намалат своето движење и да го избегнуваат јавниот превоз.
- Да се препорача избегнување на патување во земји кои се од висок и среден ризик, согласно листата од Светската здравствена организација.
- Државната изборна комисија да ги ослободи од понатамошно учество во изборниот процес вработените од јавните здравствени установи и да бидат заменети со други лица.
- Физичките и правните лица што не ги почитуваат и кои ги прекршуваа препораките ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.
- Да се воведе health locator карта за сите летови и сите авиокомпании, односно образец кој ќе го пополнуваат патниците со податоци за полесно контактирање доколку за тоа се укаже потреба.
- Да се забрани организиран меѓународен автобуски превоз (автобус, комбе, минибус и сл.) кон високо ризичните земји, како и од тие земји кон Република Северна Македонија.
- Да се зајакне присуството на волонтерите од Црвениот крст на Република Северна Македонија, во соработка со Министерството за здравство, на сите гранични премини.
- Целосно да се почитуваат мерките за превенција од оваа болест, упатени од Министерството за здравство кои се однесуваат на засилени хигиенски мерки.
- Да се упати заклучок и препорака од страна на Владата на Република Северна Македонија до сите органи на државната управа и до едниците на локалната самоуправа за времен прекин од работни обврски (не одење на работно место и да останат во своите домови) за бремените жени и хроничните болни лица.
- Сите јавни претпријатија и приватни компании што вршат јавен превоз на патници да вршат редовна дезинфекција на превозните средства.
- Владата им препорачува на сите владини и државни институции, како и на јавните претпријатија да ги откажат сите патувања или да ги организираат предвидените состаноци преку интернет комуникацијата.
- Се задолжуваат сите Владини и Државни институции, како и Јавните претпријатија да воведат мерки за заштита и за дезинфекција во сите Државни институции на влезовите во институциите. Оваа мерка Владата им ја препорачува и на компаниите од реалниот сектор.