Поенергично против раширеноста на опојните дроги меѓу младите
Локалниот совет за превенција, со кој претседаваше градоначалникот
на општина Гевгелија Сашо Поцков, расправаше за едно многу значајно и важно прашање - прекумерното консумирање на алкохол и психотропни супстанци од страна на малолетници. На седницата на Советот во кој членуваат претставници на надлежните државни и правосудни органи, локални јавни институции, образовни и здравствени институции, здруженија на граѓани, беа изнесени согледувања и искуства, но, и досега преземените мерки.
-Непосреден повод за оваа расправа, беше барањето доставено од Советот на родители при СОУ„Јосиф Јосифовски“ во врска со овој проблем. Затоа, на денешната седница ја поканивме и присуствува претседателката на Советот на родители при ова училиште. Имено, Советот на родители укажува, врз основа на свои сознанија, за лесната достапност до разновидни психотропни супстанци, како што се екстази, марихуана, хероин, кокаин. Истовремено, констатира дека се поголем е бројот на ученици кои консумираат марихуана пред, меѓу и по завршувањето на наставата. Притоа, од нас како општина, но истовремено и како претставници на надлежните државни органи и локални јавни институции и здруженија на граѓани се бара помош за едукација на учениците и превенција на оваа појава,а што е уште поважно – сузбивање на лесната достапност до опојните дроги, рече градоначалникот Сашо Поцков во воведбите напомени.
Во расправата членовите на Локалниот совет за превенција, ги изнесоа сопствените согледувања, преземените мерки и активности и предлози за превентивно дејствување и сузбивање на раширеноста на конзумирањето и препродажбата на опојни дроги. Тоа го потврдуваат и секојдневните билтени на Полициската станица во Гевгелија и Основното јавно обвинителство за поведените кривични пријави против конзументите и дилерите на дрога, беше речено на седницата.
Поради сериозноста на појавата, Локалниот совет за превенција заклучи посебна работна група, со која ќе раководи градоначалникот на општината, врз основа на изнесените мислења и предлози, да изготви предлог-мерки за сузбивање на оваа појава.