Донесен Буџетот на Општина Гевгелија за 2020 година
Советот на Општина Гевгелија на
последната годинешна седница го усвои Буџетот на Општина Гевгелија за 2020 година, кој е проектиран на 509.153.338 денари или 8,2 милиони евра. Проектираните приходи на основниот буџет изнесуваат 234.995.889 денари или 3,8 милиони евра. Додека приходите од дотации изнесуваат 222.580.063 денари, од донации 31.990.986 денари и од самофинансирачки активности 19.586.400 денари. Околу 23% од проектираниот буџет се наменети за капитални расходи, односно 117.329.518 денари ќе бидат наменети за реализација на предвидените проекти со Програмите за комунално уредување и за локални патишта. И тоа, за подобрување на патната и комуналната инфраструктура, урбано уредување и други градежни активности.
-Како и во изминатите две години ќе настојуваме да планираме толку колку што можеме да исплатиме веднаш, поради што при креирањето на основниот буџет го зедовме максимално дозволениот процент на зголемување од 30%. Меѓутоа, треба да се има предвид дека наредната година не очекува зголемена инвестициона активност, и тоа, како резултат на веќе договорената реализација на доделените грантови за подобрување на патната и комуналната инфраструктура, но, и поради веќе започнатата реализација на проектите од заинтересираните инвеститори, рече градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, вклучувајќи се во расправата за општинскиот буџет. Притоа, нагласи:
-Подготовките за изградба на мултинаменски трговски комплекс на Веро кај граничниот премин Богородица веќе се започнати, а четири од планираните ветерници од одобрениот Ветерен парк, што го реализира турска компанија, се наоѓаат на територијата на општина Гевгелија. Најавени се и други инвестициони зафати, кои заедно со пренесување на дел од државните надлежности на општината, кое ќе го следи и финансиска децентрализација, значително ќе го зајакне финансискиот капацитет на општината, рече градоначалникот Поцков, констатирајќи дека заеднички сите предвидени проектни активности, како и проектираниот буџет се остварливи, ако во преден план го имаме интересот на граѓаните.