Заедничка и координирана европска акција за справување со бегалците
„За време на бегалската криза низ Гевгелија и Република Северна Македонија поминаа 1,5 милион бегалци.
Понекогаш, дневно пристигнуваа и по 10.000 бегалци во град кој има 16.000 жители иако тие сакаа само да го продолжат патувањето. Тоа беше голем предизвик - да демонстрираш хуманост, солидарност и отвореност или ксенофобија. Горд сум што мојот град, мојата земја и моите сограѓани покажаа солидарност. По пет години се покажа дека исправно постапиле. Бегалската криза треба да нѐ зближува во Европа, посебно со соседните земји, за заеднички да се справуваме со овој глобален проблем.“ - истакна градоначалникот на ОГ, Сашо Поцков, кој заедно со претседателот на Советот на Општината, Тодор Ристов, учествуваат на 5 Меѓународна конференција за споделување на искуствата со мигрантите во Виатор, Шпанија, на филмската презентација „Солидарност“ посветена на бегалците.
Притоа, изрази задоволство што општините од Шпанија, Италија, Малта, Грција, Бугарија и Република Северна Македонија се собраа околу проектот EuborCo и даваат свој придонес за овој проблем, пред сѐ преку размена на искуства.
На конференцијата беше нагласена потребата од поголема ангажираност и координираност на Европа. Како една од насоките беше посочен примерот со културна интеграција на бегалците забележан во неколку европски земји. Но, исто така беше укажано и на потребата од примена на мерки за санирање на жариштата на мигранти бидејќи предизвикуваат транзитни бранови каков што беше случајот во нашата земја.
Инаку, за време на конференцијата, градоначалникот Сашо Поцков имаше средба со претседателот на општина Виатор, Мануел Хезус, на која беше истакнато заедничкото задоволство поради воспоставената соработка. Општина Виатор е дел од градскиот центар Армелија, во шпанската област Андалузија, каде што жителите се занимаваат со модерно земјоделско производство. Тоа беше можност за размена на искуства бидејќи и во Виатор, како и во Гевгелија, доминантно е раноградинарското производство.