До крајот на јуни Времената депонија ќе профункционира, а Старата ќе биде рехабилитирана
По изградбата на патот до Времената депонија се интензивираат активностите околу профункционирањето на
Новата и ревитализацијата на Старата депонија. Ова беше констатирано на денешниот состанок на градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков со претставниците на УНДП, на ИОМ и на консултантската фирма „Холингер“. Од страна на ИОМ кој обезбеди Грант за патот, беше информирано дека изградбата на патот е завршена пред рокот како резултат на брзата изведба на изведувачот избран од нивна страна на Меѓународен тендер – „Еуроинг“, кој го извел и уредил и каналот крај патот.
Од страна на УНДП беше изразено задоволство што патот е завршен, а со тоа се создадени предуслови за профункционирање на Времената депонија, а паралелно и затворање на Старата депонија. Овие активности мора да бидат координирани, така што до крајот на јуни годинава новоизградената Депонија ќе отпочне со работа. Претставниците на консултантската фирма „Холингер“ информираа дека доделените 400.000 евра од Владата на Република Грција за затворање на Старата депонија се веќе обезбедени и тендерската документација за избор на изведувач е подготвена.
- Најпрво, сакам да се заблагодарам до ИОМ за грантот и изградбата на патот до Времената депонија, но, секако и за обезбедените средства преку УНДП за затворање на Старата депонија. Бидејќи, со овие два зафата сликата за општина Гевгелија како еколошки заштитена средина се заокружува и претставува основа за очекуваниот одржлив економски развој, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, информирајќи дека Времената депонија веќе му е предадена на ЈПКД„Комуналец“ на стопанисување, кое како претпријатие ќе обезбеди и техничка вода. Што се однесува до електронапојувањето која обврска ја презеде Општината, поради нецелосните понуди за набавка на фотоволтаични панели тендерската постапка ќе биде обновена. Но, до средината на април ќе биде обезбедена електрична струја за напојувањена депонијата со сончева енергија.
Во меѓувреме, ќе биде организирана обука на вработените во Депонијата и обезбеден чакал за покривање на депонираниот отпад. Со тоа ќе бидат создадени услови за добивање на дозвола за операторот и елаборат за интегрирана дозвола од страна на Министерството за животна средина. По обидот на теренот, уште еднаш беше констатирано дека до крајот на јуни Времената депонија во Гевгелија ќе профункционира, а истовремено ќе започне дислоцирањето и рехабилитацијата на Старата депонија.