За подобрување на условите во образованието лани вложени 1,2 милиони евра
За непречена реализација на воспитно-образовниот процес
и во текот на минатата година посебно внимание во општина Гевгелија беше посветено на подобрувањето на условите за настава и престој на учениците. Самиот факт дека за оваа цел беа вложени скоро 74 милиони денари или 1,2 милиони евра тоа најдобро го потврдува. Покрај редовните активности за подобрување на условите за настава во сите училишта, минатата година беше завршена реализацијата на еден од капиталните инвестициони зафати во образованието во општината - изградбата на 22 училници, како и реконструкцијата и доградбата на угостителскиот комплекс во СОУ„Јосиф Јосифовски“.
Најголемиот дел од вложените средства - 71.467.000 денари или 1.158.000 евра отпаѓаат токму на инвестиционите зафати во средноучилишниот центар. Изградбата на новите училници беше реализирана со заем од Светската банка, но и со средства од општинскиот буџет, додека пак реконструкцијата на угостителскиот комплекс беше реализирана со заштедените средства од блок дотациите. Во СОУ„Јосиф Јосифовски“ беа реализирани и два проекти со финансиска поддршка од УСАИД за реконструкција на тоалетите во источното крило и набавка на опрема за оддржување на училиштето, во вкупна вреност од 1.690.000 денари.
Бројни зафати за подобрување на условите за настава беа реализирани во сите централни и подрачни училишта во општината, а за одбележување е што дел од нив беа реализирани со средства од општинскиот буџет и од заштедените средства од блок дотациите.