За условите и цените за зонското паркирање допрва ќе се одлучува
Советот на Oпштина Гевгелија на последната седница, како што е познато,
со посебна Oдлука ги определи зоните за зонско паркирање во Гевгелија, со што беше отворена постапката за воведување на зонско паркирање во градот. Но, и покрај тоа во јавноста можат да се слушнат различни ставови и дезинформации околу реализацијата на проектот за сообраќаен режим со зонско паркирање во општина Гевгелија, изработен уште минатата година. На ваквата Oдлука, на Советот на Oпштината и претходеа јавна презентација и расправа во Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот и пред граѓаните на јавна трибина. Исто така, беше спроведена и јавна анкета на веб-страната на општина Гевгелија, која по донесената одлука на Советот на општината беше симната.
Од досегашната расправа, како на јавната трибина, така и во Советот на Општината, едногласна е оценката дека во центарот на градот е неопходно да се стави ред со паркирањето, се со цел да се надминат сегашните проблеми во сообраќајниот режим и хаос со паркираните возила. Затоа, и Советот на Општината одлучи и предложи во строгиот центар на градот да се определи ограничувачка зона за зонско паркирање. Врз основа на донесениот основен проект, исто така, беа определени и уште две зони за зонско паркирање кои се наоѓаат во централното градско подрачје.
Меѓутоа, во овие зони дополнителни ќе се утврдуваат условите за паркирање. Во досегашните расправи имаше повеќе и различни предлози, како на пример, освен во ограничувачката зона, во другите зони паркирањето да биде бесплатно. Исто така, бесплатно да биде и паркирањето на одредени паркинг-простори, а од страна на граѓаните имаше и предлози во ограничувачката зона да не им се наплаќа паркинг на туристите. По сумирањето на ваквите предлози, но и по окончувањето на постапката околу јавната набавка на софтвер за примена на зонското паркирање, ќе се утврдуваат и конечните услови и цени. Имено, Советот на општината го определи ЈПКД „Комуналец“ за организатор на зонското паркирање, кое Јавно претпријатие веќе беше определен за стопанисување со јавните паркиралишта во општина Гевгелија од страна на Советот на Општина Гевгелија во 2016 година. Со организаторот, по законската постапка за организирање на зонското паркирање, ќе биде склучен договор за условите и начинот на организирање на зонското паркирање. Советот на Општината треба да даде согласност на ценовникот што треба да биде предложен од страна на организаторот.
Тоа значи дека за условите, зоните и цените за зонското паркирање допрва ќе се одлучува. Оттука произлегуваат и непотребните дезинформации во јавноста околу примената на зонското паркирање. Општина Гевгелија е решена да изнајде решение за сообраќајниот хаос во строгиот центар на градот, да ги доуреди постојните паркинзи и определи нови локации за паркирање во центарот на градот. Паралелно со ова, се настојува да се утврди локација и да се поведе постапка за набавка на монтажна катна гаража.