Организираниот дотур на стока ќе се применува од месец мај
Согласно Одлуката за организирање и дефинирање на условите за доставување
на стока на подрачјето на градот Гевгелијa што ја донесе Советот на Oпштина Гевгелија, сите правни и физички лица се запознаени со условите за достава на стока до деловните објекти во следните зони. Имено, во централното градско подрачје дотур на стока од 1 мај 2020 година ќе се врши секој ден од 23:00 до 10:00 часот, додека на сите преостанати улици секој ден од 23:00-10:00 часот и од 16:00-19:00 часот.
Дотурот на стока во централното градско подрачје ги опфаќа: булевар „Гевгелија“ (од влезот во градот до крстосница со ул. „7 Ноември“), улица „7 Ноември“ (од крстосница со „Булевар Гевгелија“ до почеток на ул. „7 Ноември“), како и улиците „Димитар Влахов“, „Ристо Фаршинин“, „Мирче Ацев“, „Таља Бикова“, „Слободан Митров Данко“, „Борис Кидрич“.
За да можат правните и физичките лица да доставуваат стока во град Гевгелија потребно е да обезбедат Одобрение од надлежен орган во Општина Гевгелија. Максимална дозволена вкупна маса на возилата со кои може да се врши достава изнесува 12 тони. Доставувањето на стока може да се реализира доколку со тоа не се загрозува безбедноста на сообраќајот на пешаците и возилата, за што одговорноста е на носителот на одобрението за доставување на стока. Стоката не смее да биде оставена на тротоар или на друга сообраќајна површина додека трае доставувањето на истата. По завршувањето на истоварот и утоварот возилото треба веднаш да се отстрани од јавната сообраќајна површина.
Истоварање и товарање на стока од возилата по правило се врши на коловоз со вклучување на сите покажувачи на правец за движење. Исто така, со Одлуката е забрането е запирање или паркирање на возилата за достава на стока во крстосници и на пешачки премини. Примената на одредбите за организиран дотур ќе ја надгледуваат инспекциските служби, односно ПС-Гевгелија.