Состојбата на јужната граница- мирна и засега без зголемен број на мигранти
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, денес
го свика Локалниот совет за превенција на кој членовите беа информирани за превентивните активности во справувањето со можен зголемен бран на мигранти и бегалци на јужната граница. Притоа, беше констатирано дека состојбата на македонско-грчката граница е мирна, а во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ има минимален број на мигранти. Поточно, во моментот нема ниту еден мигрант. Но, затоа, пак, во текот на вчерашниот ден од страна на мешовитата гранична полиција биле откриени и спречени 120 обиди за илегално преминување на македонско-грчката граница.
- Целта на состанокот е да се запознаеме со реалната состојба на теренот, но и со правилно информирање на јавноста за да се сузбијат лажните вести и да се намали психолошкиот притисок. Како општина активно сме вклучени во подготовките и координацијата со институциите во Системот за управување со кризи, пред се, во справувањето со можен зголемен бран на мигранти и бегалци. Во редовна координација сме со сите институции и Главниот штаб за управување со кризи кој редовно ја следи состојба и дава насоки, истакна градоначалникот Сашо Поцков.
Дополнителен проблем во поглед на можниот бран од мигранти и бегалци претставува и појавата на Kорона вирусот поради што во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“, согласно заклучокот на Главниот штаб, поставен е посебен контејнер кој ќе биде наменет за изолација од Kорона вирусот за лицата кои доаѓаат од ризичните земји. Од страна на Општата болница во Гевгелија побарано е поставување на ваков изолационен контејнер и во кругот на болницата, во случај на зголемен број на мигранти. Локалниот совет за превенција заклучи барањето да биде проследено до Главниот штаб.