Општина Гевгелија финансиски е консолидирана
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, на денешната седница
го информираше Советот на Општина Гевгелија за своето едногодишно работење. Минатата година дел од моите стратешки определби беа остварени или пак почнаа да се остваруваат. Особено, кога станува збор за финансиската консолидација на општината, заокружувањето на активностите кои придонесоа за оддржлив еколошки развој, капиталните инвестиции во патната и комуналната инфраструктура и подобрувањето на квалитетот на живот, нагласи тој.
- Слободно можам да кажам дека општина Гевгелија финансиски е консолидирана, а во континуитет имаме растечко остварување на Општинскиот буџет. Во 2017 година буџетските приходи се остварени со 48,82%, во 2018 година со 54,68%, додека минатата година беше забележан досега највисокиот процент на остварување на Општинскиот буџет – 86,15%. Посебно внимание посветивме на сервисирањето на наследениот долг од 143 милиони денари. Според Кварталниот извештај за остварување на Буџетот во 2019 година, долгот изнесува 60.800.000 денари, но треба да се има предвид дека 38 милиони е долг кон ЈПКД „Комуналец“ кој договорно го сервисираме, а 12 милиони денари кон градежната фирма „Еуроинг“ се исплатени во јануари. Значи, реалниот долг не е поголем од 10 милиони денари, така што финансиската состојба ни овозможува активностите да ги насочиме кон други потреби на граѓаните, рече Поцков.
- Заокружувањето на активностите кои придонесоа за одржлив еколошки развој, исто така, беше еден од нашите заеднички приоритети бидејќи со тоа се обезбедуваат предуслови за оддржлив економски развој. Во општината веќе се реализирани трите капитални еколошки зафати, кои беа започнати од порано или финиширани во минатата година, Прочистителната станица, Времената депонија и Водоснабдителниот систем. Сега слободно можеме да ги користиме ваквите еколошки придобивки, како значаен предуслов за поволна бизнис клима. Општина Гевгелија минатата година ја доби Златната награда во категоријата на локални заедници која креира добар амбиент за развој на бизнисот и претприемништвото во Средна и Југоисточна Европа, истакна градоначалникот Сашо Поцков пред советниците.
Притоа, тој ги посочи и проектите кои се реализирани или чија реализација е во тек, како изградбата на атмосферска канализација на улица „Индустриска“, каде што се лоцирани најголемиот дел од стопанските капацитети, изградената водоводна мрежа во станбената населба Караорман, како и изградбата на пречистителна станица и реконструкцијата на Мостот во Моин. Притоа, нагласи дека за реализација на сите претстојни проекти веќе се обезбедени финансиски средства:
- Од Минитерството за транспорт и врски ни е доделен грант од 900.000 евра кој треба да го искористиме до 2024 година, а чија реализација започнува со изградбата на улицата „Методија Антонов Ченто“ на влезот од Мрзенци.
Со одобрените 570.000 евра од истото Министерство ќе биде реализиран проектот за изградба на фекална канализација во Смоквица, а најавена е и поддршка за други комунални проекти. Со одобрените 400.000 евра од грчкиот грант за Прочистителната станица ќе биде рехабилитирана старата депонија кај Гевгелија. Годинава започнува и реализацијата на доделениот германски грант од 2,5 милиони евра за капитални комунални зафати. Ваквата финансиска поддршка дава можности и простор во Општинскиот буџет дел од средствата да бидат потрошени за други намени, пред се, помали комунални и патни зафати. Сигурен сум дека сето ова, заеднички, како и минатата година, ќе го реализираме во интерес на граѓаните, констатира градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.