Побарана истрага за возачот кој поминал на свежо бетонираната улица во Мрзенци
Бројни реакции, незадоволство и револт
кај граѓаните, не само во Мрзенци, туку и пошироко предизвикаа вчерашните фотографии на социјалните мрежи каде што јасно се гледа дека автомобил поминал долж целата новобетонирана улица во Мрзенци. Станува збор за улицата „Гоце Делчев“, која започна да се бетонира во понеделникот, а во текот на вчерашниот ден беше финиширана. Само што механизацијата на „Мансард“ заминала од свежо бетонирана улица, несовесен минувач минал низ целата нејзина должина, оставајќи длабоки траги.
Општина Гевгелија денес го пријави случајот до ОВР-Гевгелија и побара од полицијата да биде идентификуван непознатиот сторител заради покренување на законска постапка за надокнада на предизвиканата штета. Ова не е единствен ваков случај, бидејќи минатата година вакво „возење“ по свежо бетонирана улица беше забележано и во Негорци, по што појавата беше санкционирана.