Општинските мобилни екипи им помагаат на стари и изнемоштени лица
Во општина Гевгелија во тек е акцијата за помош на старите и
изнемоштени лица, како и ранливите категории, заради превентивна заштита од Covid 19 (Коронавирус). Општински мобилни тимови ги известија старите и изнемоштени лица дека на дежурниот телефон 078 690 648 можат да побарат помош за набавка на прехранбени артикли, средства за лична дезинфекција, лекови и наплата на месечни сметки. Исто така, сите стари лица-корисници на помош и нега, како и други стари лица, на кои им е потребна ваков тип на помош, можат да се јават на дежурниот телефон на општина Гевгелија.
Општинските мобилни тимови, почитувајќи ги мерките на претпазливост, веќе започнаа со доставата на пакети со дезинфекциски средства за ранливите категории на граѓани.Така, во текот на денот на сите граѓани-корисници на гарантирана минимална парична помош им се поделени пакети со средства за дезинфекција. Станува збор за околу стотина корисници на гарантирана минимална помош, согласно евиденцијата на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи. Заштитни средства (маски, ракавици и дезинфекциони гелови) веќе им се поделени на сите 23 такси компании во општината, кои располагаат со 60 возила.