Мерките доследно се почитуваат, а состојбата е стабилна
Во општина Гевгелија во целост се применуваат мерките за
спречување на проширувањето и внесувањето на Covid 19 (Корона вирус) на Владата на Република Северна Македонија, изјави денес Градоначалникот на Општина Гевгелија Сашо Поцков, оценувајќи ја состојбата како мирна и стабилна. Се разбира, во новонастанатите услови, без некоја понагласена паника, како и со целосна соработка на граѓаните и на правните лица, со помали исклучоци, нагласи Поцков. Состојбата постојано се следи, Советот на општината расправаше за примената на превентивните мерки, а по вчерашниот состанок Општинскиот кризен штаб е во постојано заседание.
-Граничниот премин Богородица затворен е за премин на странски државјани-патници и возила, освен за влез и транзит на товарни возила, кои можат да влезат во земјата според посебни услови. Пограничната полиција и царина доследно ја применуваат оваа мерка, а од забраната за преминување се изземени претставниците на дипломатскиот кор во Република Северна Македонија, како и на други лица со дозвола по претходно мислење на Главниот координативен кризен штаб. Сите надлежни државни и општински органи целосно ги применуваат превентивните мерки, а сите угостителски објекти, игротеки, обложувалници и казина на територијата на општина Гевгелија се затворени, додека вработените се пратени на одмор.
-Општина Гевгелија започна со акцијата за помош на старите и изнемоштени лица за набавка и достава на прехранбени артикли, средства за лична хигиена, лекови и наплата на месечни сметки за вода, комуналии, струја, кои можат да ги пријават на дежурен телефон. На ранливите категории на граѓани, во прв ред, корисници на гарантирана парична помош им поделивме пакети со дизенфекциски средства. Исто така, покрај задолжението на сите такси компанија и јавни превозници за дезинфекција на возилата, дополнително на сите такви возила им дониравме заштитни маски и ракавици и дезинфекциски средства. Почна и акцијата за дезинфекција на улиците во Гевгелија, која паралелно се одвива со дезинфекцијата на сите државни и општински објекти и установи, рече Поцков.
Градоначалникот на општина Гевгелија изрази благодарност до сите здравствени работници, припадници на полицијата и царината, како и продавачи, трговци и други услужни дејности, бидејќи заради обезбедување на потребната превентивна заштита на граѓаните и потребните прахранбени и други артикли, постојано се во контакт со граѓаните. Истовремено, апелираше до родителите за поголема контрола на нивните деца и почитување на мерките за избегнување на групните собири на отворено или во затворен простор. Притоа, потсетувајќи дека надлежните државни органи се задолжени за изречување на казни до родителите за непочитување на мерките од нивните малолетни деца.