Општинскиот кризен штаб апелира до граѓаните за доследно почитување на мерките во текот на забраната за движење за првомајските празници
Општинскиот штаб за заштита и спасување, со кој раководеше градоначалникот
на општина Гевгелија и командант, Сашо Поцков, на седницата одржана на 29 април 2020 година, ја анализираше состојбата во општина Гевгелија во врска со примената на мерките за спречување на проширувањето и внесувањето Корона вирусот COVID 19 на Владата на Република Северна Македонија. Општинскиот штаб апелира до граѓаните на oпштина Гевгелија да ги применуваат последните мерки на Владата на РСМ од 47 седница за забраната за движење за првомајските празници. Истовремено, Општинскиот штаб донесе посебни мерки за:
Снабдувањето со најнеопходните прехранбени артикли и лекови во деновите и периодот на забрана за движење (петок, сабота и недела, 1, 2 и 3.05.2020 година), во Општина Гевгелија ќе биде организирано преку нарачка и достава од страна на економските оператори кои го прифатија повикот на Општинскиот штаб за спасување и заштита- Гевгелија, во периодот од 14.00 до 20.00 часот.
Супермаркетите и трговските дуќани кои се пријавени да вршат нарачка и достава на артикли по телефон, не смеат за време на забраната за движење да бидат отворени и да излагаат производи пред објектите.
Засилена контрола во излетничките места и во туристичките населби за задолжително носење на заштитна маска и држење на социјална дистанца, согласно Уредбата на Владата на РСМ, од страна на задолжените државни органи и институции, согласно истата уредба.
Дезинфекција на улиците и јавните површини на територијата на Општина Гевгелија, ќе се одвива според Оперативниот план за дезинфекција на ЈПКД „Комуналец“, кој во соработка со Центарот за здравје- ПЕ Гевгелија, ќе го спроведува ЈПКД „Комуналец“ и ТППЕ- Гевгелија.
Градскиот пазар во Гевгелија на 30 април 2020 г. (четврток) ќе биде отворен од 9.00 до 14.00 часот само за понуда и продажба на земјоделски производи и цвеќе според посебен режим на заштита поради вонредната седница.
Дозволите за движење за време на забраната и посебниот режим на движење на територијата на општина Гевгелија, пријавените економски оператори за домашна достава на прехранбени артикли и земјоделците и сточарите кои не се регистрирани, да ги пријават на дежурните телефони на дежурните општински служби во Општина Гевгелија, кои списокот на лицата го доставуваат до ОВР- Гевгелија.
Јавните превозници на општинскиот и посебниот линиски превоз за време на вонредната состојба, согласно Уредбата на Владата на РСМ, должни се да го организираат превозот со задолжително оддржување на растојание од најмалку два метри меѓу патниците и може да има најмногу 50% патници од вкупниот број на седишта, не сметајќи го седиштето на возачот.