Ликовна колонија „Спасовден 2020“ онлајн
Домот на културата во Гевгелија во пресрет
на Спасовден организира online Ликовна колонија „Спасовден 2020“. Во колонијата учествуваат 17 ликовни уметници од Гевгелија, членови на ДЛУГ, кои го прифатија повикот на Домот на културата за организирање ликовна колонија во услови на пандемијата од Корона вирусот. Секој од уметниците работи дома, а организаторот го обезбеди материјалот за работа (платно и палета од 15 акрилни бои). Изработените слики остануваат во сопственост на ЈОУ Дом на култура, чија обврска е да ги изложи во постојана изложбена поставка во Народниот театар во Гевгелија.
Завршната изложба на Ликовната колонија „Спасовден 2020“ е закажана за 27 мај, 2020 година, кога пред Народниот театар изработените дела на 17-те гевгелиски уметници ќе бидат изложени за јавноста, се разбира, согласно мерките за заштита од Корона вирусот и одржувањето на социјалната дистанца. Истовремено, на една од фасадите спроти Театарот, ќе биде прикажан документарниот филм, кој се работи за време на траењето на колонијата и творењето на уметниците дома.