Ликовна изложба на ДЛУГ и музички концерт на „Панта реи“
Денеска, во организација на Домот на културата
во Гевгелија во пресрет на Спасовден, во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 19:45 ч. ќе се одржи online Ликовна колонија „Спасовден 2020“, која ќе се пренесува во живо на социјалните мрежи, односно на официјалниот Jујтуб- канал и официјалната Фејсбук-страна на Домот и на Фејсбук-страната на Општина Гевгелија.
Во колонијата учествуваат 18 ликовни уметници од Гевгелија, членови на ДЛУГ, кои го прифатија повикот на Домот на културата за организирање ликовна колонија во услови на пандемијата од Корона вирусот. Секој од уметниците работeше дома, а организаторот го обезбеди материјалот за работа (платно и палета од 15 акрилни бои). Изработените слики остануваат во сопственост на ЈОУ Дом на култура, чија обврска е да ги изложи во постојана изложбена поставка во Народниот театар во Гевгелија.
На отворањето, ќе се обратат директорот на Домот, Весна Ристова и Мирјана Крстева Массетти, член на ДЛУГ, која ќе биде куратор на изложбата и ќе каже неколку зборови за делата на роднокрајните уметници кои учествуваат на оваа спасовденска изложба.
По ликовната изложба, следи концертот на гевгелиската музичка група „Панта Реи“.