Утврдени приоритетните проекти за ИПА-ППС со Грција
Општина Гевгелија на последниот јавен повик
на ИНТЕРЕГ-ИПА Програма за прекугранична соработка „Република Грција-Република Северна Македонија 2014-2020“, ќе аплицира со проектот „Воведување гастро-туризам како нов бренд на дестинации во прекуграничниот регион (Gastro-tour)“. Оваа одлука беше донесена на денешната седница на Советот на Општина Гевгелија. Општина Гевгелија на овој повик ќе учествува како партнер во проектот, заедно со општина Пеонија, Претпријатието на заедниците на општина Солун (КЕДИТ) и Фондација за локален развој и развој на ИТ-Гевгелија (ФЛОРИТ).
На седницата, градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, ги информираше советниците дека, покрај овој проект, општина Гевгелија на овој јавен повик ќе учествува со уште еден проект „Деловен еко-систем како интегриран систем“ (Акроним „Be In”), преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, во чии рамки е планирана набавка на едно противпожарно возило.
На 45 седница Советот на Општина Гевгелија донесе Одлука за реонизација на Општинските основни училишта на територијата на општина Гевгелија, како и даде мислења на статутите на сите основни училишта. Советот даде согласност на Извештајот за финансиското работење на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија во првото тримесечје од годината.