Сите 110 вработени во детските градинки се негативни на Корона вирус
Сите 110 вработени во детските градинки
на ЈОУДГ„Детска радост“ во Гевгелија се негативни на Корона вирусот. Тоа го потврдија резултатите од тестирањето на сите вработени што го изврши Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија, а кое беше извршено во рамките на скринингот што ги опфати вработените во детските градинки во земјата. Последните резултати кои денес пристигнаа од лабораторијата на Центарот за јавно здравје во Велес, покажуваат дека ниту еден вработен во шесте градинки на ЈОУДГ„Детска радост“ во Гевгелија, Миравци, Негорци и Богородица не е заразен од COVID-19, односно сите вработени се негативни на Корона вирусот.
Тестирањето беше извршено изминатата недела, во рамките на првичниот колективен скрининг што го изврши Министерството за здравство, најпрво, на вработените во детските градинки. Се со цел да се утврди здравствената состојба на вработените, во пресрет на најавеното повторно отворање на детските градинки за децата. Директорот на ЈОУДГ„Детска радост“ во Гевгелија, Елизабета Стефановска, вели дека пристигнатите негативни резултати од тестирањето од Центарот за здравје се пријатна вест, пред се, за вработените во Установата, но и за самата Установа, бидејќи ја потврдува подготвеноста за повторно згрижување на децата во детските градинки. Особено, ако се има предвид дека претходно во сите детски градинки во Гевгелија и во околните населени места, беше извршена дезинфекција, дезинсекција и дератизација, нагласувајќи дека капацитетите и вработените се подготвени за повторно прифаќање на децата кога надлежните власти во земјата ќе донесат одлука за тоа.
Инаку, на вчерашната седница, Советот на Општина Гевгелија ја потврди Одлуката на Управниот одбор на ЈОУДГ„Детска радост“, поради пандемијата од Коронавирусот, родителите на децата, пријавени во детските градинки, да бидат ослободени од плаќање партиципација за месеците април и мај, односно за време на вонредната состојба. Со дадената согласност верифицирана е Одлуката на Управниот одбор, 800 родители на децата, запишани во детските градинки, да не плаќаат по 1.490 денари за месеците април и мај, колку што чини месечната партиципација. За месец март, родителите платија само по 521 денар за материјални трошоци, за десеттината дена, колку што децата престојуваа во градинките до прогласувањето на вонредната состојба.