Засилена контрола на јавниот и посебниот сообраќај
Општинските инспекциски служби,
согласно заклучокот од последниот состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување, ја засили контролата на јавниот и посебниот превоз. Истовремено, се проверува и примената на Протоколите за одвивање на работниот процес и примена на заштитните мерки. За таа цел, до сите работодавачи е испратено писмено потсетување за примената на заштитните мерки од Корона вирусот при одвивањето на работниот процес. Исто така, се укажува дека превозот на работниците од дома до работното место треба да се врши согласно Уредбата со законска сила за изменување на уредбата со законска сила за примена на законот за превоз во патниот сообраќај за време на вонредна состојба која гласи:
- При вршење на јавен превоз на патници, за време на траење на вонредната состојба, превозникот во возилото е должен да го организира превозот со задолжително носење на заштитни маски од страна на патниците и екипажот во возилата, редовно дезинфицирање на возилата и може да има најмногу 50% патници од вкупниот број на седишта не сметајќи го седиштето на возачот. Од страна на овластениот инспектор за сообраќај во Општина Гевгелија ќе биде контролирана примената на овие заштитни мерки.
Според градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, истовремено, и командант на Општинскиот штаб за заштита и спасување, на последната седница, посебно се расправало во врска со превозот на вработените во конфекциските погони и другите производни капацитети во општината, почитувањето на Протоколите за одвивање на работниот процес и примената на заштитните мерки, посебно од страна на градежните фирми, каде што се вработени градежни работници од други општини во земјата. Притоа, е побарано од од Трудовата инспекција, како и другите надлежни служби, да биде извршен инспекциски надзор на градилиштата во општината, законскиот престој и почитување на заштитните мерки од страна на ангажираните градежни работници од другите општини кои припаѓаат на жариштата на Корона вирусот.