Во Општина Гевгелија маските задолжителни; A се мери и телесна температура
Во Општина Гевгелија, од денес,
на сите вработени во Oпштинската администрација и странки, кои поради разни потреби доаѓаат во Oпштината, покрај задолжителната заштитна маска, им се мери телесна температура. Ваквите мерки се применуваат согласно донесениот Протокол за општи превентивни мерки во Oпштината од страна на Градоначалникот на oпштина Гевгелија заради операционализација и примена на превентивните мерки за сите работни места пропишани во Протоколот донесен од Владата на РСМ.
Според овој Протокол, сите вработени, гости и странки, задолжително и без исклучок се должни при влез и за време на престој во службените простории на Општина Гевгелија да имаат лична заштита (маска и ракавици, односно доколку не носат ракавици, да извршат дезинфекција на раце при самиот влез). Исто така, при влез во административната зграда на Oпштината, на секој, без никаков исклучок, ќе му биде извршено мерење на телесната температура.
- На овој начин сакаме во пракса да ги испочитуваме препорачаните мерки за заштита, меѓутоа и да манифестираме грижа за здравјето на вработените и јавното здравје, првенствено, на странките кои секоjдневно се обраќаат до Oпштината. На последната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување, апелиравме до сите граѓани, но и вработени во сите државни, јавни, локални институции и правни субјекти да ги применуваат мерките за лична заштита и социјална дистанца. Едноставно, мора да се навикнеме да работиме во услови на Корона вирус, да ги одбегнуваме директните контакти и доследно да ги применуваме пропишаните мерки, вели градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.