Oфицијално заврши учебната 2019/2020 година
Денеска, официјално заврши учебната
2019/2020 година, која се прекина во месец март поради пандемијата од Корона вирусот. Традиционалната настава почнувајќи од март до крајот на учебната година беше заменета со онлајн-настава , се изведуваше и слушаше од дома со реализирање активности поврзани со наставните единици по предметите, која што беше верифицирана од страна на Министерството за образование и наука и Владата на РСМ.
Додека траеше онлајн-наставата, наставниците и учениците од гевгелиските училишта не беа спречени да постигнуваат успеси на општинско, регионално и државно ниво. Учествуваа на онлајн- натпревари, изработуваа проекти, ги одбележуваа Патроните празници и сл.
Матурантите од СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија ги напуштија средношколските клупи, со што го одбележаа крајот на една етапа од животот. Поради пандемијата од Корона вирусот, оваа година матурантите беа спречени да ја дадат заклетвата за ненасилство, да го одиграат популарниот матурски квадрил кој се игра на музика од Штраусовата опера „Лилјакот“ и да ја прослават вечерта со својата генерација и нивните професори. Исто така, со мерките на Владата на РСМ се укина државната, училишната матура и завршниот испит за средношколците од 3 и 4 година.
Во тек се уписите и тестирањето на првачињата во сите основни училишта во општина Гевгелија и тоа по строго утврдени правила предвидени во Протоколот за утврдување на процедурата за запишување на ученици во прво одделение како мерки за заштита од Корона вирусот, изготвен од Владата на РСМ. Уписот започна од 1 јуни, а ќе трае до 30 јуни, 2020 година, во основните училишта во општината, со целосно почитување на реонизацијата на училиштата и живеалиштето на децата.
Уписите за ученици во прва година, средно образование во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија ќе започнат на 16 и 17 јуни, 2020 год. Втоиот уписен рок ќе биде на 24 и 25 јуни, 2020 год., а третиот на 30 јуни, 2020 год.
Покрај пандемијата од Корона вирус, на самиот старт, оваа учебна година беше одбележана и со штрајк од страна на наставниците и преговорите на СОНК со Министерството за образование и наука за покачување на платите во образованието.