Прогласени првенците на генерација и во СОУ „Јосиф Јосифовски“ и ООМУ „Васо Карајанов“
Прогласени се првенците
на генерација и во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија и ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија. Од гевгелиската Гимназија, титулата првенец на генерација ја понесе Душко Јанев, а од Музичкото училиште виолинистката Емилија Николовска.
- Најпрво, ви благодарам за искрените честитки. Да се биде првенец на генерацијата претставува посебно задоволство за секој ученик и морам да кажам дека воопшто не беше тешко. Со посветено учење и труд, како и желбата за успех, се постигнува се. Никогаш не избирав омилени предмети, за секој предмет посветував еднакво внимание, но морам да истакнам дека природните науки ми беа посилна страна. Средното образование ќе го паметам по многуте успеси на различни полиља, по посветеноста на нашите професори кои несебично даваат се од себе да го извлечат најдоброто од нас, како и по прекрасните моменти со моите соученици. Своето понатамошно образование како академски граѓанин планирам да го продолжам на Медицинскиот или Стоматолошкиот факултет во Скопје, истакна Душко Јанев.
- За тоа дали е тешко да се свири виолина, не можам конкретно да одговорам, но доколку се сака инструментот, секој труд вложен во него ми причинува задоволство. До сега сум учествувала на многубројни натпревари, а за прв пат бев на Државен натпревар во Скопје, на десет годишна возраст, каде што земав трета награда. А оттогаш учествувам секоја година на Меѓународни натпревари по виолина и на Државен натпревар по солфеж, каде што секогаш земам први награди по виолина и по солфеж. Соништата ми се големи, како секој млад човек и ќе продолжам во ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ во Скопје. Сигурна сум дека ова е мојата животна определба. Во иднина се гледам на нашите сцени, на балканските сцени и пошироко, истакна Емилија Николовска.