Поставени играчки за деца на паркот „Виолета“- Гевгелија
Поставени се играчки
за деца на паркот што се наоѓа на улицата „Маршал Тито“ во Гевгелија, познат како „Виолета“. На овој парк, спроти Градскиот музеј, поставени се лулашка и клацкалка.
По серијата нови играчки во градот и населените места, и овој парк доби катче каде ќе си играат децата. Така, лулашки, клацкалки со 2 седишта, ротациона играчка детски катчиња со метални платформи, 2 лизгалки, спирална лизгалка и вештачка трева беа поставени на игралиштето што се наоѓа на Градскиот пазар, во Богородица: во центарот на населеното место, во близина на самата црква поставени се нови клацкалка и лулашка, a покрај самата Општинска зграда се обновуваат реквизитите за деца. Исто така, и Негорци и Миравци добија уредени детски катчиња.
Инаку, во текот на минатата година беа уредени или обновени повеќе детски игралишта. Така, во центарот на Гевгелија детското катче беше обновено, проширено, збогатено со нови играчки и зелена подлога. Поставени се детски играчки и во дворот на Пионерскиот дом, како дел од акцијата за урбано уредување на просторот. Во рамките на акцијата за обновување и уредување на нови детски игралишта на територијата на цела општина, во Давидово беше обновено детското игралиште, во Милетковo, освен обновата на постојното детско катче, во дворот на Училиштето се поставени нови играчки, уредено е детско катче и во училишниот двор во Смоквица, а доопремен е детскиот парк, како и дворот на детската градинка во Миравци.