Се инсталираат фотоволтаични панели на Времената депонија кај Ново Конско
На Времената депонија
кај Ново Конско се инсталираат фотоволтаични панели кои ќе обезбедуваат електрична енергија за функционирање на овој новоизграден комунален капацитет. Со тоа, всушност, се обезбедени сите предуслови за профункционирање на Времената депонија. Инсталирањето на фотоволтаичните панели уследи по завршената тендерска постапка и потпишувањето на договорот со фирмата „Елмотерм“ од Гевгелија која имаше најповолна понуда.
- Со изградбата на патот до Времената депонија кај Ново Конско со средства од ИОМ, обезбеденото снабдување со електрична енергија од општински средства, Времената депонија полека станува функционална. До крајот на јули се очекува од страна на Министерството за животна средина да биде распишан тендерот за ревитализација на Старата депонија кај Сува Река што е предуслов и за профункционирање на Новоизградената депонија.
Имено, профункционирањето на Новата депонија ќе се одвива паралелно со ревитализацијата на Старата депонија, вели градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.
Целосната ревитализација на Старата депонија е зафат што значително ќе ја подобри еколошката слика за Гевгелија. За таа цел, потпишан е договор меѓу Грчката амбсада со Швајцарската агенција за развој (SECO) за пренасочување на 400.000 евра од неискористениот грчки грант за изградба на Прочистителната станица кај Гевгелија за санација на Старата депонија.
Според веќе изработениот проект, по профункционирањето на Времената депонија кај Ново Конско, предвидена е изградба на уште еден заштитен ѕид на Сува Река кај Старата депонија. Потоа, транспортирање на исцедокот од отпадот до Времената депонија, третирање на комуналниот отпад и уредување на целиот простор на Старата депонија во зелена површина.
Со ревитализација на Старата депонија ќе се обезбеди не само заштита на Сува Река и крајбрежјето од загадување, туку и оплеменување на овој простор на устието од реката Вардар, а во непосредна близина на Гевгелија. Од Министерството за животна средина на РСМ е најавено дека тендерот за ревитализација на Старата депонија ќе биде распишан веднаш по изборите.