Реконструирана улицата „Илија Миов“
Целосно реконструирана
улицата „Илија Миов“ во Гевгелија - една од главните сообраќајници во централното градско подрачје. На оваа улица беше извршена целосна санација бидејќи на повеќе места, поради пропаѓање на земјиштето, се појавија длабнатини во асфалтот. Поради тоа, со години по ред, сообраќајот преку оваа улица, која претставува и главна сообраќајница во јужниот дел на градот, се одвиваше отежнато.
Поради тоа, најпрво беше симната асфалтната маса и извршен ископ на целата улица, потоа, беше поставена жичана мрежа заради заштита од нови попуштања на земјиштето. Санацијата заврши со поставување на бетонска плоча од 20 см долж целата коловозна лента, и тоа, најпрво на едната, а потоа и на другата половина, заради непречено одвивање на сообраќајот.
Изведувач на работите на улицата „Илија Миов“ е градежната фирма „Обнова“ која на јавниот повик за тековно одржување на улиците во Општина Гевгелија имаше најповолна понуда. За целосна реконструкција на улицата претстои и бетонирање на тротоарот на нејзината јужна страна. Од страна на изведувачот е најавено дека уредувањето на тротоарот ќе биде завршено во текот на утрешниот ден. Со тоа ќе бидат целосно завршени санацијата и реконструкцијата на улицата „Илија Миов“ по што ќе биде оспособена за непречено одвивање на сообраќајот.