Невиден вандализам на Вардарски Рид
На археолошкиот локалитет
и излетничко место „Вардарски Рид“ е сторен невиден вандализам. Сабајлево, по извршениот увид од страна на Јавното претпријатие за комунална дејност „Комуналец“- Гевгелија, констатирано е дека непознат сторител ја искршил урбаната опрема. Искршени се клупите за седење и корпите за отпадоци.
Ваквиот чин е осуден од страна на Општина Гевгелија и градоначалникот Сашо Поцков и веднаш е побарано од надлежните органи да се преземат мерки за откривање и санкционирање на непознатиот сторител.
- Апелирам до граѓаните за високо-развиена свест и одговорно однесување кон она што е изградено за наше добро. Со ваквиот начин на однесување, само се нанесува штета на она што е заедничко наше, а со самото тоа се врши сквернавење на локалитет кој обележува една ера на вековно постоење и е истовремено излетничко место за одмор и рекреација, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.
Ова е втор вандалски чин на Вардарски Рид. Минатата година, веднаш по еко-акцијата за чистење на отпадоците и санирање на оштетената урбана опрема „Со љубов за Вардарски Рид“, организирана од Здружението „Чејнџмејкерс“ во соработка со Општина Гевгелија, беше предизвикана штета од ист карактер.