Се уредува дворната површина на ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија
Пред започнувањето
на новата учебна година, се изведуваат повеќе градежни работи за уредување на училиштниот двор на ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија. Целата површина на дворното место се поплочува со бекатон-плочки, а на дел од училишното игралиште се поставува армирана бетонска ограда, од влезот што се наоѓа на улицата „Ѓорги Стамков“.
Како што најави директорот на ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, Кети Аврамчева, во училиштниот двор ќе се инсталираат нови приклучоци на постоечката водоводна канализација за поставување распрскувачи за наводнување на зелените површини. Исто така, старата порта на главниот влез ќе биде заменета со нова клизачка порта, а ќе бидат сменети и портите на другите два влеза во училиштниот објект.
- Овие зафати за уредување започнаа со цел, пред почетокот на новата учебна година, дворната површина на нашето училиште да добие нов, модерен изглед, а истовремено да се подобрат условите за престојот на нашите ученици и пристапот на движење за време на училишните одмори, истакна директорот на ООУ „Владо Кантарџиев“- Кети Аврамчева.
Вчера, градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, направи увид на градежните работи на дворот на ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија.
- Домаќинското работење на училиштата во Гевгелија покажува дека и во време на пандемија образовните институции реализираат значајни проекти со кои се инвестира во подобрувањето на условите на амбиентот. Така, по распишувањето на тендерската постапка, во ПУ „Крсте Мисирков“- Моин и ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци ќе се реконструираат крововите и ќе се заменат старите азбесни табли, ќе заврши доопремувањето на новата угостителска сала во СОУ „Јосиф Јосифовски“ и ќе се сменат санитарните јазли во ООУ „Климент Охридски“- Миравци, истакна Поцков.
Уредувањето на училиштниот двор се реализира од сопствени средства од Буџетот на Училиштето.