Ќе се опремува Дневниот центар за лица со посебни потреби во Гевгелија
Преку проектот
„Создавање на услови за поголема социјална инклузија на лицата со посебни потреби во Југоисточниот плански регион“ Центарот за развој на Југоисточниот плански регион наредниов период ќе ги опремува Дневните центри за лица со посебни потреби во Гевгелија, Струмица, Валандово и Радовиш со цел да се подобрат условите за престој на лицата и нивна професионална ориентација и рекреација.
Проектот е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа во висина од 2 милиони и 170 илјади денари и предвидува Дневните Центри за лица со телесна или ментална попреченост во Струмица и Гевгелија кои функционираат во рамките на ЈУ Меѓуопштински центри за социјална работа во овие градови, Дневниот центар за деца со посебни потреби во Валандово но и Центарот за поддршка на лицата со интелектуална попреченост ,,Порака’’ од Радовиш да добијат опрема за професионална ориентација, психомоторен развој но и за достапност на лицата со попреченост до сите објекти.
За таа цел ќе бидат набавени три електромоторни транспортери за инвалдиска количка (гасеничари) и три трицикли во висина од 750 илјади денари. Дневните центри во Струмица, Гевгелија ќе добијат по еден гасеничар и еден трицикл, Центарот во Валандово гасеничар, додека Центарот во Радовиш трицикл.
Исто така, ќе биде набавена и опрема за професионална ориентација и спортски реквизити како Бочија сет, кош, ролер слајд, лулашки, базен со топки, карпа-алпинистички ѕид и опрема за спортски активности.
Со ова, се очекува збогатување на секојдневните активности и благосостојба на лицата со посебни потреби во регионот преку воведување рекреативни, културни и професионално ориентирани реквизити и опрема за достапност, информираа од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.