Во гевгелиските училишта постојат услови за организирање настава со физичко присуство и со комбиниран модел
Градоначалникот на Општина Гевгелија,
Сашо Поцков, денес одржа повторна средба со директорите на Основните училишта, Средноучилишниот центар и Основното музичко училиште, а во врска со подготовките околу стартот на новата учебна година. На состанокот директорите на училиштата информираа за условите за организирање на наставата во новата учебна година согласно заклучоците на Владата на РСМ и Протоколите за организирање на наставата со физичко присуство во основното и средното образование. Пред се, за просторните услови за организирање на наставата во услови на пандимијата од Ковид-19, примената на протоколите и потребниот наставен кадар.
Во сите пет основни училишта во општина Гевгелија постојат услови и училиштата се подготвени да ја организираат наставата со физичко присуство на учениците од прво до трето одделение, согласно заклучокот на Владата на РСМ. Во двете основни училишта во Гевгелија, ООУ„Владо Кантарџиев“ и ООУ „Крсте Мисирков“ за учениците од шесто до деветто одделение постојат услови за организирање комбинирана настава, односно една недела наставата да се одвива со физичко присуство, а една недела онлајн.
Во ООУ „Ристо Шуклев“ во Негорци и во ООУ „Климент Охридски“ во Миравци, како и во ООМУ „Васо Карајанов“ во Гевгелија постојат услови за физичко одржување на наставата за учениците од прво до деветто одделение. Во Средноучилишниот центар „Јосиф Јосифовски“ постојат услови за организирање на наставата со физичко присуство и онлајн, во зависност од големинатата на паралелката. Паралелките со помал број ученици, согласно Протоколите за организирање на наставата со физичко присуство, во овој центар можат да одржуваат настава со физичко присуство. Додека, пак, паралелките со поголем број ученици, кои се побројни, можат да ја организираат наставата комбинирано, една недела со физичко присуство, а една недела онлајн.
- Ова се предлозите кои произлегоа од анализите направени во сите училишта, по извршените анкети на родителите и водените расправи на Советите на училиштата. Најголемиот број од анкетираните родители на учениците во гевгелиските училишта, како во основнотото, така и во средното образование, се изјаснија за организирање на наставата со физичко присуство на учениците. Направените согледувања укажуваат дека во Општина Гевгелија, покрај условите за организирање на наставата со физичко присуство на учениците од прво до трето одделение, постојат услови од 1 октомври, се разбира, согласно протоколите, да се организира настава со физичко присуство на учениците и во другите одделенија. Но и за организирање на комбинирана настава, со физичко присуство и со онлајн настава која ќе се менува секоја недела, изјави по состанокот со директорите на училиштата градоначалникот Сашо Поцков нагласувајќи дека за овие предлози очекува да се произнесе Општинскиот штаб за заштита и спасување и Советот на Општина Гевгелија, по што предлозите за организирање на настава со физичко присуство и комбинирана настава ќе се достават до Владата на РСМ која по увидот на посебната работна група, формирана од надлежните министерства, ќе одлучува за барањата.