Во гевгелиските детски градинки згрижувањето на децата се одвива без никакви проблеми
Во детските градинки во Општина Гевгелија,
во рамките на ЈОУДГ „Детска радост“, згрижувањето на децата, по повторното отворање, се одвива без никакви проблеми. Се разбира, согласно протоколите и примена на сите заштитни мерки од Корона вирусот, бидејќи како што вели директорката на ЈОУДГ„Детска радост“, Елизабета Стефановска, здравјето на децата е во преден план. Тоа беше потврдено и од страна на работната група на Министерството за труд и социјална политика на РСМ која во петокот изврши надзор на згрижувањето и престојот на децата во градинките, како и почитување на протоколот за работа на градинките.
Во градинките во Општина Гевгелија се згрижуваат 440 дечиња, согласно просторните и условите пропишани со протоколите. Имено, приоритет им беше даден на деца на самохрани вработени родители и деца на коишто двајцата родители се на работа, без можност за работа од дома. При приемот на децата, на сите вработени, родителите кои ги донесоа децата и на самите деца од страна на вработените им се мери температура, вработените носат задолжително маски, а се води сметка и за потребната дистанца. Претходно, а и во тек на работењето, се врши редовна дезинфекција на објектите, со цел да видат задоволени сите заштитни мерки.
- Што е најважно, децата се радосни и повторно им се вратија на предвидените активности. Исто така, и нивните родители, така што на некои од нив им излеговме во пресрет за усгогласување на работните обврски и носењето на децата.
Скоро и немавме реакции од родителите кои го прифатија задолжителното прегрупирање на децата. Имено, бројот на децата во групите е намален, во групите за јасли се згрижуваат до 6 деца, а во групите за градинка до 15 деца, објаснува Елизабета Стефановска. Во сите шест градинки, трите во Гевгелија, а другите три во: Негорци, Миравци и Богородица, по почетниот старт, работењето се одвива вообичаено, според новите здравствени предуслови. Се надевам, дека така ќе биде и во наредниот период, вели директорката на ЈОУДГ „Детска радост“.