Гевгелија ја доби станицата за мерење на квалитетот на воздухот, нејзиното поставување за неколку дена
Во ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија пристигна
автоматската мониторинг-станица за мерење на квалитетот на воздухот во Гевгелија. Како што истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, во наредните десетина дена, на локацијата утврдена од Министерството за животна средина и просторно планирање со претставниците од Секторот за урбанизам, просторот кај ЈОУГД „Сончогледи“- Гевгелија (на самиот тротоар помеѓу надворешната ограда од Градинката и улицата „Ристо Јанев“, ќе започнат подготовките за монтирање на оваа мониторинг-станица. Ќе се изгради платформа, а истата ќе биде оградена.
Со поставувањето на мониторинг-станицата, загадувањето на амбиентниот воздух би се мониторирал од аспект на загадувањето од согорувањето на горивата за затоплување на резиденцијални и административни установи и мал дел од сообраќајот.
- До овој момент владее мислењето дека Гевгелија е еколошки чист град и дека гевгеличани дишат квалитетен воздух, но едно е она што мислиме ние, а друго е тоа што ќе го покажат параметрите за аерозагадувањето добиени од оваа мерна станица, истакна Поцков.
Инаку, автоматската мониторинг-станица е обезбедена со средства од ИПА програмата за прекугранична соработка со Грција во текот на 2020 година. Министерството за животна средина и просторно планирање беше вклучено во реализација на проектот, со што изготви техничка спецификација за набавка на мерните инструменти според соодветните правила на програмата за оваа набавка.