Епидемиолог д-р Сашко Олумчев за зголемениот пораст на заболени од КОВИД-19 во Гевгелија
Во последните две недели, Гевгелија бележи значаен
пораст на новозболени лица од КОВИД-19. Вкупниот број на активни случаи во Гевгелија изнесува 31 лице. Д-р епидемиолог Сашко Олумчев, раководител на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија истакна дека денешните случаи се жители на: Гевгелија, Негорци, Богородица и Богданци.
За зголемувањето на бројките на новозаболени лица од Корона вирус, Олумчев, истакна дека тие се резултат на непочитувањето на мерките од страна на поголемиот дел граѓани кои не носат заштитна опрема ниту во затворен, ниту на отворен простор:
- Во последните две недели, откако кај нас почна да се зголемува бројот на заболени лица од Корона вирус, се евидентирани се повеќе млади лица кои се позитивни на КОВИД-19, а го пренесуваат и на своите околу нив. Друга причина за зголемувањето на бројките се враќањата од годишните одмори, а најмногу собирањето по дворовите, седенките, журките и концертите. Во моментот, кај нас се лекуваат 25 лица со потешка клиничка слика поради здравствени проблеми. За 10 до 15 дена очекувам бројот на новоболени да биде поголем.
Олумчев апелира до граѓаните, особено до младата популација да ги почитува заштитните мерки бидејќи вирусот станува поагресивен, доаѓа зимата и следат сезонските грипови. Тоа дополнително ќе ја отежнува работата на лекарите и на болниците, иако Општата болница со проширена дејност- Гевгелија има капацитет да се справи со процесот на лекување на болните од Корона вирус, но тука, секако, треба да помогнат и самите граѓани со својот придонес, а тоа е задолжително носење маска, шал или марама, одржување физичка дистанца и редовна дезинфекција на рацете