Се санираат штетите во Миравци од синоќешното невреме
По увидот на состојбата по невремето во атарот на Миравци,
кој градоначалникот на ОГ, Сашо Поцков заедно со соодветните Општински служби го изврши во раните утрински часови, оперативните единици на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија со соодветна механизација почнаа со санирање на штетите. Во досегашниот тек на активностите за расчистување, приоритет се даде на нормализација на снабдувањето со вода за пиење на линијата што води од Миравци кон Давидово и обезбедување на проодност на патниот правец кон Петрово.
Екипите ќе продолжат со работа додека дозволуваат временските услови, а ќе продолжат и во текот на утрешниот ден. Екипите на ЈП „Македонија пат“ работат на патот кон Смрдлива Вода за рачистување на насипите од земја и камења. Сите активности што се изведуваат на терен имаат за цел во најкраток можен рок да се санираат последиците и да им се излезе во пресрет на потребите на граѓаните.