Поцков: „Епидемиолошката слика лоша, граѓаните најсериозно да ги сфатат апелите!“
- Епидемиолошката слика со пандемијата од КOВИД-19 во Општина Гевгелија
е лоша, последниве денови имаме зголемен број на заболени, а и еден смртен случај. Крајно време е граѓаните и сите правни и други субјекти најсериозно да ги прифатат апелите што ги упатувам од почетокот на пандемијата во март, а тоа е доследно почитување на заштитните мерки и придржување кон здравствените протоколи, изјави градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, по денешната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување, нагласувајќи дека зголемениот број на заболени се должи на недисциплина и непочитување на мерките.
Притоа, Поцков најави ригорозни мерки против сите прекршители на мерките, за што е направен посебен план и контролен механизам. Засилена контрола ќе има на сите објекти кои обавуваат стопанска или друга јавна дејност. Од четврток, во Градскиот пазар повторно ќе се влегува и излегува на еден влез, Градската капела ќе биде затворена, а ќе се разговара и со црковните власти околу одржувањето на помените.
- Не може да се дозволи организирање свадби, забави во ресторани, игротеки или други поголеми групирања бидејќи растечкиот број на заболени во општината, главно, е меѓу младите и оттука потекнува. Мора да се сфати дека со ваквите мерки го штитиме, пред се, здравјето на граѓаните, но ја штитиме и економијата која трпи големи штети, истакна Поцков.