Гевгелија доби мониторинг-станица за мерење квалитет на воздухот
Денеска, во Гевгелија беше предадена во употреба мониторинг-станицата за квалитетот
на амбиенталниот воздух и презентиран начинот на нејзината работа. На свеченото отворање присуствуваа: министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, шефот на Делегацијата на Европската Унија, Н.Е. Дејвид Гир, кои заедно со градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, се обратија на настанот. Проектот е реализиран како резултат на соработката помеѓу: централната и локалната власт, општините од нашата држава со содедна Грција и граѓанскиот сектор од двете земји.
- Посебно задоволство ми е што денес присуствуваме на овој настан на официјално пуштање во работа на новата станица за мониторинг на квалитетот на воздухот на територијата на Општина Гевгелија. Ова значи збогатување на националната мрежа за автоматски мониторинг на квалитетот на воздухот, со што всушност ги остваруваме нашите стратешки цели и приоретити како Министерство за животна средина и просторно планирање и како Влада на Република Северна Македонија. Нам, како орган одговорен за собирање на податоците и известување за квалитетот на животната средина, системот за мониторинг на квалитетот на воздухот ни користи да ги извршиме обврските за информирање на домашната јавност за животната средина, но и обврските за известување што сме ги презеле кон Европската агенција за животна средина и кон повеќе меѓународни договори во областа на животната средина ратификувани од страна на РепубликаСеверна Македонија. Токму затоа, овој систем истовремено значи силна поддршка во нашето приближување кон европските барања и стандарди во областа на животната средина, а со тоа и забрзување на процесот на нашите евроинтеграции, истакна во воведното обраќање министерот за животна средина и просторно планирање, Нуредини.
- Со големо задоволство ја поздравувам реализацијата на овој проект затоа што е пример за одличната соработка: помеѓу централната и локалната власт, општините од нашата држава со содедна Грција и граѓанскиот сектор од двете земји. Во време кога здравјето на граѓаните е над сите други приоритети, кога покрај загадениот воздух имаме и опасен вирус, овој проект станува уште позначаен. Како министер којшто ја има одговорноста да ја координира имплементацијата на ИПА програмата за прекугранична соработка, драго ми е што со соседна Грција решаваме заеднички проблеми. Убеден сум дека со соработка и со подобрување на квалитетот на живеење ќе успееме што побрзо да станеме дел од европското просперитетно семејство и да ја насочиме финансиската поддршка од предпристапните фондови на Европската Унија, истакна министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
Нагласувајќи дека реализацијата на овој проект е дел од зедничките напори за борба против загадувањето, евроамбасадорот Дејвид Гир во соето обраќање посочи:
- Загадувањето на воздухот станува животен феномен со долгорочни апликации импликации по здравјето на луѓето. Затоа, и посветеноста на ЕУ за намалување на загадувањето на воздухот е од приоритетно значење. Во инвестициониот план на ЕУ за Западниот балкан донесен минатата недела, посебно внимание се посветува на Златната агенда, во која загадувањето на воздухот се смета за уште еден голем предизвик, особено, по пандемијата од КОВИД-19.
- Со поставување на мониторинг-станицата за квалитетот на амбиенталниот воздух во Гевгелија, за првпат ќе се воспостави механизам за редовно следење на состојбата со квалитетот на воздухот и изворите на загадување во овој пограничен регион. Истовремено, ќе се подигне јавната свест за заштита на квалитетот на воздухот што е посебно значајно. Изразувам благодарност за успешниот проект и посакувам со вакви проекти и во иднина да ја прошируваме прекуграничната соработка и да ги унапредуваме добрососедските односи со Република Грција, истакна градоначалникот Поцков.
Мониторинг станицата е набавена преку проектот „Развој и имплементација на здравствен индекс за загадување на воздухот“ кој се спроведува во рамките на Министерството за животна средина и просторно планирање, а истиот е финасиран од Interreg-IPA CBC програмата помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција.
За реализација на овој проект, Европската Унија преку ИПА Програмата за прекугранична соработка го финансираше проектот во вкупна вредност од скоро еден милион евра за двете држави, а националното кофинансирање во вредност од 15% го обезбеди Министерството за локална самоуправа.
Граѓаните на општина Гевгелија ќе можат да ја следат состојбата за квалитетот на воздухот во градот на официјалната веб-страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, на следниов линк: http://air.moepp.gov.mk/.