Годинава, за обнова на локалната патна мрежа вложени над 600.000 евра
Во изминатите десет месеци, и покрај панедмијата од Ковид-19, во општина Гевгелија
изградени се нови улици во должина 1.250 метри или на површина од 5.000 м². Извршена е обнова на асфалтот на улиците со површина од 8.700 м², бетонирани се помали улици во должина од 790 метри, а уредени се тротоари и пешачки патеки на површина од 3.760 м².
За обнова на локалната патна мрежа, изминативе десет месеци беа вложени 37.793.000 денари или над 600.000 евра од Oпштинскиот буџет. Најголем дел од средствата, околу 23,5 милиони денари, беа наменети за изградба на нови улици. Пред се, за изградба на улицата „Индустриска“ во Гевгелија, тампонирање на улицата „Кожуф“ во Гевгелија и „Борис Трајковски“ во Мрзенци, како и санација на Mостот на влезот во Моин. Околу 8 милиони денари се вложени за тековно одржување на улиците и локалните општински патишта.
Многу подолг е списокот на реконструираните улици, односно улиците на кои е обновен асфалтот во Гевгелија, како и во населените места: Прдејци, Миравци и Давидово. Исто така, бетонирани се повеќе помали улички во: Гевгелија, Мрзенци, Богородица, Кованец, Петрово и Миравци. Годинава, беа уредени тротоари на улицата „Миле Пецанов“, која беше и хортикултурно уредена, а павер-елементи беа поставени и на тротоарите на улиците: „Деко Ковачев“, „Сава Михајлов“ и „Кукушка“ во Гевгелија. Павер-елементи се поставени и на улицата „Ѓорѓе Велков“ и на тротоарот на улицата „Гоце Делчев“ во Негорци, како и на две улици во Богородица. Во тек се изведбените работи за поставување на павер-елементи на две пешачки патеки во Миравци.
Исто така, извршена е целосна ревитализација на патот Богородица-Стојаково како втора фаза од проектот што се реализираше преку Jугоисточниот плански регион. И тоа, почнувајќи од крстосницата на патот Гевгелија-Богданци, каде што води стариот и дотраен пат за Богородица, а минува крај бензинската пумпа „Лук оил“, хотелите „Скај“ и „Принцес“ и продолжува од Богородица кон Стојаково.