Доградба на КОВИД-19 Дневниот центар во Општата болница во Гевгелија
Поради моментната состојба на ширење на Корона вирусот на
подрачјето на Општина Гевгелија и зголемениот број на граѓани, на кои им е неопходна здравствена помош, во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност во Гевгелија се наметна потребата за обезбедување на дополнителен болнички капацитет. Пред се, за пациентите позитивни на КОВИД-19 кои во болнички услови примаат терапија. За таа цел, согласно протоколите и препораките на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, во тек е проширувањето на постојниот КОВИД-центар во кругот на Општата болница, каде што досега се вршеше прием и тестирање на пациентите со Корона вирусот. Поточно, доградба на постојниот објект, каде што ќе бидат сместени осум болнички кревети за дневна терапија на пациентите со полесни симптоми од КОВИД-19.
- Општинскиот штаб за заштита и спасување на последната седница беше информиран за иницијативата на ЈЗУ Општата болница- Гевгелија и Подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гевгелија за проширување на постојниот пункт за тестирање на влезот во болницата и уредување на Дневен прифатен центар. Општнскиот штаб ја поддржа иницијативата за доградба на постојниот пункт за тестирање од Корона вирус, а од Општата болница во Гевгелија веќе е доставено барање за обезбедување финансиски средства од страна на Општината. Барањето за одобрување на средства, во висина од околу 377.000 денари, колку што чини доградбата, ќе се најде на дневен ред на претстојната седница на Советот на Општина Гевгелија која е закажана за следната недела. Сметам дека како Општина треба да излеземе во пресрет на барањето и на тој начин да обезбедиме непречено одвивање на здравствената заштита на граѓаните и подобар третман на пациентите заразени од КОВИД-19, истакна градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, при денешната посета на Општата болница во Гевгелија, каде што забрзано се одвиваат изведбените работи.
Според директорот на Општата болница, д-р Митко Крџев, во овој Дневен центар би се третирале само полесно заболените лица кои имаат потреба од дневен лекарски третман. Ваквата потреба е од приоритетно значење, особено, во услови кога во Општата болница не постои Инфективно одделение. Меѓутоа, Општата болница повеќе не е во можност да ги подмирува дополнителните финансиски обврски за сузбивање на Корона вирусот. Бидејќи, на повеќепати, преку итни постапки во изминативе месеци, беа набавувани средства за лична заштитна опрема на вработените во Општата болница што дополнително го оптовари Годишниот буџет на здравствената установа, вели директорот Крџев, поради што е побарана помош од Општината.