Eпидемиолошката состојба се влошува - патролни групи ќе ја контролираат примената на мерките
Општинскиот штаб за заштита и спасување на денешната седница, на која
покрај членовите, присуствуваа и советници-претставници на политичките партии кои партиципираат во Советот на Општина Гевгелија. Oпштинскиот штаб констатира дека епидемиолошката состојба во Општина Гевгелија поради пандемијата од КОВИД-19 се влошува и станува загрижувачка. Како што информираше д-р Сашо Олумчев, раководител на ПЕ на Центарот за јавно здравје во Гевгелија, во првото тримесечје од пандемијата во Општина Гевгелија биле регистрирани само 4 пациенти на Корона вирус, во второто тримесечје 36, а за само еден и пол месец, во октомври 2020 година дури 286 пациенти се позитивни.
- Ваквите алармантни податоци се застрашувачки ако се има предвид дека расте бројот на заразени пациенти под 50 години, а скоро 90% од дневно тестираните 30 граѓани се позитивни. Тоа, несомнено, зборува за широката распространетост на вирусот на овие простори и дека нема повеќе кластери, а главна причина за тоа е недисциплината на граѓаните, пред се, на младата популација и дел од угостителските објекти, истакна д-р Олумчев нагласувајќи дека е потребна целосна мобилност и одговорност, како на надлежните институции, правните субјекти, така и на граѓаните во сите три општини, во Гевгелија, Богданци и Дојран, за кои е надлежна подрачната единица на Центарот за јавно здравје.
Директорот на Општата болница во Гевгелија д-р Митко Крџев, информираше дека поради зголемениот број на заболени пациенти од КОВИД-19 се наметна потребата од итно проширување и преадаптирање на дел од болничките одделенија. Во завршна фаза е доградбата на Дневниот прифатен центар во кругот на Општата болница, каде што досега се врши тестирање на пациентите, за обезбедување на осум болнички кревети за пациентите кои примаат дневна терапија до добивањето на резултатите.
- Поранешното болничко Одделение наменето за мигрантите е преуредено во Одделение за дневна терапија на пациентите заболени од КОВИД-19. Меѓутоа, поради зголемениот број на заразени го преуредивме Невропсихијатриското одделение за пациентите заразени со Корона вирусот, на кои им е потребна деноноќна терапија. Но не на сметка на другите пациенти, бидејќи Невропсихијатриското одделение е преселено на Интерно одделение. Ниеден друг пациент во болницата не е одбиен, нагласи д-р Крџев и го информираше Општинскиот штаб дека на новоадаптираните одделенија веднаш им се потребни десеттина конектори за оксигена терапија, монитори, ЕКГ-апарати и кислородни боци, чија набавка е отежната.
Градоначалникот Сашо Поцков информираше дека Советот на Општина Гевгелија на седницата закажана за во четврток, ќе расправа по барањето на Општата болница за доделување на 377.000 денари од Општинскиот буџет за доизградба на Дневниот КОВИД-центар. Исто така, апелираше до сите општествено-одговорни фирми кои се во можност да помогнат во опремувањето и обезбедувањето на потребните средства за Општата болница во Гевгелија.
Поради влошената епидемиолошка состојба неминовна е целосна мобилизираност и засилена контрола за примена на донесените заштитни мерки и протоколи, како и донесените заклучоци од страна на граѓаните и правните субјекти, јавни установи и други објекти, заклучи Општинскиот штаб за заштита и спасување. Притоа, беше нагласено да не се организираат и да се одбегнуваат приватните собирања на поголем број луѓе, панаѓури, свадби, домашни слави и одбележување на други приватни забави и настани. Градоначалникот Сашо Поцков информираше дека во разговорите со претставници на Гевгелиското архиерејско намесништво е договорено погребните церемонии, наместо во Градската капела, да се организираат на гробните простори во Градските гробишта, како и помените, со присуство на ограничен број на членови на семејството, додека црковната кујна и трпезарија се затвораат до крајот на годината. Градскиот пазар продолжува да работи само на еден влез, а продолжува и дезинфекцијата на јавните површини.
Општинскиот штаб, исто така, заклучи да се интензивира превентивната информираност на граѓаните, посебно, младите за реалната закана од КОВИД-19 и изработка на посебен флаер. Истовремено, побара засилена контрола на детските и други игралишта крај училиштата каде што се собираат поголеми групи на деца.
За таа цел, беше ажуриран Планот за контрола на примената на заштитните мерки и побарана засилена контрола на надлежните државни и општински инспекциски служби и други органи, задолжени со уредбите на Владата на РСМ за примена на здравствените и протоколите за работа. Во патролните групи кои започнуваат со теренските контроли од утре, покрај претставиците на ОВР- Гевгелија, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и социјала, Општинската инспекција, ќе бидат вклучени и членови на Советот на Општина Гевгелија. Прифатен е и предлогот за формирање на граѓански патроли од страна на месните заедници кои ќе контролираат дали и колку граѓаните и правните субјекти во населените места ги почитуваат заштитните мерки.
На седницата на Општинскиот штаб за заштита и спасување беше предупредено дека последниве денови се шират лажни вести за списоци со заразени, па дури и со починатите лица од КОВИД-19, со цел да се создаде дополнителна паника меѓу граѓаните. Од страна на ОВР- Гевгелија веќе била поднесена една кривична пријава против непознат сторител за ширење на лажни списоци со имиња на позитивни граѓани уште пред официјалното објавување. Општинскиот штаб побара надлежните државни органи да се позабават со откривањето и санкционирањето на изворите за ширење на ваквите лажни вести.