Завршија подготвителните работи за поставување на модуларниот КОВИД-центар во Гевгелија
Општина Гевгелија ги заврши подготвителните работи за
поставување на модуларниот КOВИД-19 центар во Гевгелија. Екипите на ЈПКД „Комуналец“ и ЕВН-КЕЦ-Гевгелија завршија со поставувањето на водоводна и канализациона мрежа поврзани со Општата болница, извршено е приклучување на електричниот трансформатор, а од страна на Општината беше ангажирана механизација за подготвување на локацијата. Локацијата на модуларниот КОВИД- центар се наоѓа на паркинг-просторот на северниот дел од зградата на Болницата, на улица „Ѓорѓе Стамов“, веднаш пред Одделот за Брза помош.
- Општината ја заврши својата обврска со изведување на терен на работите, за која беше надлежна локалната самоуправа, а кои според договорот со Министерството за здравство стануваше збор за обезбедување на инфраструктурната инсталација. Сето тоа е завршено, а што се однесува до пристапниот пат, локацијата и претходно го имаше. Значајно е што модуларната болница ќе биде директно поврзана со Општата болница, вели градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков. Притоа, најавува дека од среда од страна на изведувачот треба да почне транспортот и поставувањето на модуларните контејнери.
Изведувачот на градежните работи за подигнување на модуларната Болница е фирмата „JBT Ajt“ од Валандово кои за две недели ја подигнаа новата проширена Болница за Пулмологија во Скопје. Од нивна страна е најавено дека за две недели КОВИД-центарот во Гевгелија ќе биде градежно подигнат и инсталационо приклучен на сегашниот електричен и водоводен систем со зградата на Болницата. Целиот објект ќе биде со површина од 400 метри квадратни, со дел наменет за подготовка на персоналот со заштитна опрема, Оддел за прием на пациенти каде ќе се зема брис и ќе се изведуваат тестови за присуство на Корона вирус и согласно резултатот се упатува пациентот дали треба да остане во КОВИД- стационарниот центар или на друго специјалистичко лекување во Болницата.
Модуларниот КОВИД-центар ќе располага со мобилен рентген-апарат, ЕХО, подготовка на здравствените работници, сала за прием на пациенти, Одделение за болничко сместување и третирање на КОВИД-заболените. Сета опрема е веќе набавена од Министерството за здравство. Комплетната градба и опремувањето на КОВИД-центарот е финансиски обезбеден од Министерството за здравство. Гевгелија заедно со вкупно 16 општини во држатата со изградбата на модуларните КОВИД-центри ќе функционираат како Регионален КОВИД-центар како што функционираат и до сега обезбедувајќи здравствена грижа на КОВИД-пациентите од Гевгелија, Богданци и Дојран.
Од Општата болница во Гевгелија, каде моментната состојба се оценува како стабилна, велат дека со КОВИД-болницата ќе добијат на располагање уште 15 кревети за болничко сместување и лекување на КОВИД-пациенти.
- Ако се има предвид дека извршивме доградба на Дневниот КОВИД-центар во кругот на болницата и преадаптирањето на Невропсихијатриското одделение во КОВИД-одделение, тогаш сметаме дека се обезбедени соодветни болнички услови за дневно третирање и лекување на полесните случаеви на заболени од КОВИД-19 во општините: Гевгелија, Богданци и Дојран, вели директорот на Општата болница во Гевгелија, д-р Митко Крџев.