Почна монтирањето на модуларната КОВИД-болница во Гевгелија
Почна монтирањето на модуларната
КОВИД-болница во Гевгелија. Изведувач на градежните работи за подигнување на модуларната Болница е фирмата „JBT Ajt“, од Валандово, ангажирана од страна на Министерството за здравство. До крајот на наредната недела се очекува да пристигне и опремата која веќе е набавена од Министерството за здравство. Така што, до крајот на оваа година, се очекува овој модуларен КОВИД-центар да профункционира.
Како што е веќе познато, Општината ја заврши својата обврска за подготовка на теренот каде што сега веќе се работи на подогнувањето на модуларниот КОВИД-центар. За таа цел, локалната самоуправа ангажираше фирма околу обезбедувањето на комунална инфраструктура. Екипите на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија беа вклучени во инсталирањето на водоводна и канализациона мрежа која ја поврзаа со Општата болница, а екипите на ЕВН-КЕЦ извршија приклучување на електричниот трансформатор.
Целиот објект ќе биде со површина од 400 метри квадратни, со дел наменет за подготовка на персоналот со заштитна опрема, Оддел за прием на пациенти каде ќе се зема брис и ќе се изведуваат тестови за Корона вирус и согласно резултатот ќе се упатува пациентот дали треба да остане во КОВИД- стационарниот центар или на друго специјалистичко лекување во болницата.
Модуларната КОВИД-болница ќе располага со мобилен рентген-апарат, ЕХО, подготовка на здравствените работници, сала за прием на пациенти, Одделение за болничко сместување и третирање на КОВИД-заболените. Гевгелија заедно со вкупно 16 општини во држатата со изградбата на модуларните КОВИД-центри ќе функционираат како Регионален КОВИД-центар како што функционираат и досега обезбедувајќи здравствена грижа на КОВИД-пациентите од Гевгелија, Богданци и Дојран.