До крајот на годината, ќе профункционира модуларната КОВИД-болница во Гевгелија
Градоначалникот на општина Гевгелија, ја посети Општата болница
со проширена дејност- Гевгелија, каде во тек се изведбените работи за монтирање на модуларната КОВИД- болница, која ќе функционира како Регионален КОВИД-центар, покривајќи ги и општините Богданци и Дојран. При денешната посета, Поцков изјави:
- Гевгелија во набрзо време ќе добиде модуларна КОВИД-болница која ќе го олесни работењето на Општата болница и згрижувањето и третирањето на КОВИД-пациентите. Истакнувам голема благодарност до ЈПКД „Комуналец- Гевгелија кој за потребите за изградбата на оваа болница помогна во обезбедувањето комунална инфраструктура.
- Гевгелиската Општа болница се стекнува со еден капацитет, со кој се дава можност значително да се подобри справувањето со КОВИД-19. До крајот на оваа недела, монтирањето на модуларната болница треба да заврши и да почне опремувањето на просториите. Целиот објект ќе биде со површина од 400 метри квадратни, со дел наменет за подготовка на персоналот со заштитна опрема, Оддел за прием на пациенти каде ќе се зема брис и ќе се изведуваат тестови за Корона вирус и согласно резултатот ќе се упатува пациентот дали треба да остане во КОВИД- стационарниот центар или на друго специјалистичко лекување во болницата.
Модуларната КОВИД-болница ќе располага со мобилен рентген-апарат, ЕХО, подготовка на здравствените работници, сала за прием на пациенти, Одделение за болничко сместување и третирање на КОВИД-заболените. Кога ќе заврши пандемијата, оваа модуларна болница ќе биде пренаменета во одделение согласно потребите на болницата, истакна директорот на Општа болница Гевгелија со проширена дејност, д-р Митко Крџев.