Железничката станица ќе биде готова до крајот на годината
Во тек е завршната фаза од реконструкцијата на Железничката станица,
со која ќе се обноват: чекалната, билетарата, санитарните јазли и останатите простории во рамките на Железничката. Но, исто така се санира и обнови фасадата на објектот, со што Железничката ќе добие нов лик. Станува збор за објект кој е прогласен за споменик на културата, поради што и реконструкцијата беше забавена. Имено, преостанатите 10 железнички станици во земјата веќе се завршени, во рамки на проектот „ЕУ за тебе“ на Делегацијата на Европската Унија, а кој се финансира со донација од Шпанската влада.
На денешната средба на претставниците на: Македонски железници, Заводот за заштита на спомениците на културата-Струмица и изведувачот беше констатирано дека работите околу реконструкцијата и фасадата на ова значајно здание во Гевгелија се во завршна фаза. Пред да биде извршен технички прием, сакавме да направиме увид и заедно со сопственикот на објектот и изведувачот да укажеме на работите кои треба да се завршат. До крајот на годината Железничката станица во Гевгелија ќе треба целосно да биде готова, а тоа значи внатрешна реконструкција и целосно обновена фасада. На челната страна од објектот ќе бидат поставени грбовите на Општина Гевгелија и на Македонски железници, вели директорот на Заводот за заштита на спомениците на културата Аце Манински.
Притоа, објаснува дека изведбените работи на овој објект се забавени поради потребата од целосна примена на Законските одредби за заштита на споменици на културата и изработка на посебни елаборати. Железничката станица во Гевгелија која беше изградена во 1874 година, го задржува стариот лик на фасадата. Најавена е и можноста за урбано уредување на просторот околу старата локомотива што се наоѓа пред Железничката станица во Гевгелија.