КОВИД-биланс во општина Гевгелија
Во Општина Гевгелија, до втората половина на месец декември,
заклучно со 16 декември, 2020 година, според статистиката на Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство на РСМ, вкупната бројка на заболени од КОВИД-19 од почетокот на пандемијата изнесува 995 лица. Во моментот, активни случаи на Корона вирус има 303 лица, а вкупно оздравени се 670 лица. Стапката на смртност е 2,2%, односно од КОВИД-19 починале 22 лица.
Поради зголемениот пораст на новозаболени лица од КОВИД-19, Владата на Република Северна Македонија на редовната 30-та седница ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести, поддржани и од Главниот координативен штаб за дополнителни рестриктивни мерки во периодот од 18 декември до 20 јануари. Владата одлучи угостителските објекти да работат до 18 часот, според усвоените протоколи за работа. Исто така, донесена е одлука со која се забранува да се организира каков било тип на прослава за новогодишните и верските празници на отворен и затворен простор од страна на кои било физички и правни лица или јавни субјекти. Продолжува да важи забраната за групирање повеќе од 4 лица на отворено.