Подготвеност да се справиме со сите предизвици
- На самиот почеток очекував амбициозна 2020 година,
но поради Ковид-19 пандемијата и нејзиното влијание врз гевгелиското стопанство, тоа очекување, за жал, е невозможно. Искрено, се надевам дека идната година ќе се најде решение за излез од кризата, животот полека ќе се нормализира, а економијата повторно ќе заживее. Само отвореноста на границите со добра епидемиолошка слика е услов за гевгелиската економија да се врати во кондиција, истакна градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, во новогодишното интервју на месечникот „Гевгелиска јавност“. Што се однесува пак до извршувањето на Буџетот за 2020 година, кој процент во деветмесечието изнесуваше 62%, доколку репер ни биде 2019 година, кога завршната сметка покажа досега незабележано високо извршување на Буџетот од 82%, со низок обем на обврски, а со висок степен на реализација, во која најголем дел заземаа капиталните расходи од 42%, тогаш и остварувањата годинава треба да бидат задоволителни и на исто ниво како и лани. Притоа, како посебено значаен го посочува фактот дека Oпштината е финансиски стабилна наспроти предизвиците со кои се соочи поради пандемијата.
- Приоритет во реализацијата на проектите од Oпштинскиот буџет ќе се даде на продолжувањето на Западниот булевар со изградбата на улицата „Свети Климент Охридски“, со цел конечно да се обезбеди пренасочување на товарниот сообраќај од центарот на градот, на трасата од Западниот булевар кон Динќут. Имаме комплетна урбанистичка документација, експропријацијата е завршена, а претстои тендерска постапка. Истото важи и за улицата „Александар Бел“ во Мрзенци, за која, по поништениот тендер и доработката на основниот проект, се создадени сите услови за реализација. Од Oпштински средства ќе се гради и патната инфратсруктура во станбената населба „Караорман“, а ќе биде финиширана и сообраќајната инфраструктура кај Милци. На почетокот од идната година, ќе биде распишан тендер за Градскиот урбан сквер кој ќе биде уреден на старото пазариште, ги посочува развојните правци во идната година градоначалникот Сашо Поцков.
- Дел од средствата се веќе обезбедени преку грантови, имено, германскиот грант преку KFW е пред реализација, консултантот ги одобри сите четири проекти, а се подготвува тендерската документација. Станува збор за изградба на новата водоводна линија Мрзенци-Негорци-Прдејци, ревитализација на водоводната линија до граничниот премин и до Богородица, разделување на атмосферската од фекалната канализација и нова атмосферска канализација во јужната половина од градот, како и електронски водомери и друга опрема за ЈПКД „Комуналец“. Од доделениот грант од 900.000 евра преку Министерството за транспорт и врски наредната година ќе се реализира првата фаза за изградба на улицата „Методија Андонов Ченто“ во Мрзенци. Исто така, од Министерството за транспорт и врски во Буџетот за идната година предвидени се средства за изградба на фекална канализација во Смоквица, а на последната седница Советот на ЈИПР проектот во кој е и изградбата на последната делница од патот за Ума го утврди како приоритетен за реализација од Програмата за рамномерен развој. Аплициравме во Министерството за труд и социјала со проектот за доградба на Детската градинка „Сончогледи“, за кој очекувам да бидат одобрени средства, со што ќе се обезбеди дополнителен капацитет за згрижување на 120 деца, нагласува во новогодишното интервју за „Гевгелиска јавност“, градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков.