Поцков: - Да се однесуваме одговорно кон сопственото и здравјето на најблиските
- Како резултат на превентивните мерки од страна
на Општинскиот штаб за заштита и спасување, новогодишните и божиќните празници во општината минаа во најдобар ред кога е во прашање заштитата од пандемијата. Тоа го потврдија претставниците на надлежните државни органи на последната седница на Општинскиот штаб, посочувајќи дека групните прослави и собирања изминативе празници изостанале. Тоа значи дека најголемиот број граѓани одговорно се однесувале кон своето и здравјето на своите сограѓани, почитувајќи ги заштитните мерки од КОВИД-19, изјави градоначалникот на општина Гевгелија и командант на Општинскиот штаб за заштита и спасување, Сашо Поцков, по вчерашната седница на штабот.
Притоа, изрази надеж дека и во пресрет на вечерашното традиционално славење на Стара Нова година ќе мине во најдобар ред, без поголеми групирања и организирани прослави и во најтесниот круг на семејствата. Притоа, Поцков информираше дека по разговорите со претставниците на Гевгелиското Архиериско намесништво, договорено е годинешното фрлање на крстот во водите на реката Вардар, манифестација која беше поддржана и од Општина Гевгелија, да биде одложена.
- И во оваа прилика сакам да им порачам на граѓаните и правните субјекти да продолжат со примената и почитувањето на заштитните мерки и протоколи за пандемијата од КОВИД-19, во пресрет на претстојните верски и традиционални празници. Бидејќи на тој начин само ќе придонесат драстичното намалување на новозаболените од КОВИД-19, како и на хоспитализираните пациенти во општината да продолжи и во наредниот период, рече градоначалникот Сашо Поцков, по седницата на Општинскиот штаб за заштита и спасување, апелирајќи до сите надлежни државни и општински органи да продолжат со контролата околу примената на меркит за забрана на прослави, ограниченото работно време на угостителските објекти до 18 часот, како и другите мерки и препораки за заштита од Корона вирусот.